Развојот на туризмот ќе отвори нови работни места

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со Генералниот секретар на Светската туристичка организација, г-дин Талеб Рифаи.

„Разменивме мислења и за унапредувањето на регионалната соработка во областа на туризмот во Југоисточна Европа и начините како да се  искористи близината на овој регион до европските пазари. Во денешниот глобализиран свет, мошне актуелно прашање е развојот на макродестинациите, а сметаме дека тука има простор за соработка меѓу балканските земји,“ изјави министерот Попоски.  „Сакаме да го зголемиме бројот на туристи кои доаѓаат во Македонија, но најмногу да ги натераме да останат подолго и да дојдат повторно. Сметам дека Светската туристичка организација е нашиот вистински партнер за остварување на оваа цел.“

Генералниот секретар Талеб Рифаи, кој има големо искуство во областа на туризмот и е заслужен за создавањето на првиот археолошки парк во Јордан во, надалеку познатиот, локалитет Петра. Се разговараше за можностите за проширување на туристичката сезона во Македонија, за креирање маркетиншка стратегија за одржлив туризам, за обука на туристичките работници и менаџери и за нови идеи и начини за максимално искуристување на туристичките потенцијали на Република Македонија.

„Нашата крајна цел е преку развојот на туризмот да го поттикнеме натамошниот економски раст на Македонија и да овозможиме нови вработувања,“ заклучи на крај министерот Попоски.