РБСП: Што треба да знаете кога купувате велосипед?

Неколку совети кои што се важни при изборот и купувањето велосипед објави Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот во рамките на кампањата „Мај – месец на велосипедисти“, а се со цел зголемување на свеста на граѓаните кон поголемо користење на ова алтернативно средство за превоз.

При купувањето на велосипед, важно е да размислите каде и со кого сакате да го возите. Постојат многу различни видови велосипеди: градски, за трки, хибридни, планински… Посоветувајте се со пријателите и распрашајте се во продавниците пред да донесете одлука.

Одберете ја и вистинската големина на велосипед за Вас. Не брзајте, бидејки добро одбраниот велосипед со години ќе биде ваше превозно и рекреативно средство. Доколку на самиот модел веќе не се фабрички поставени, размислете за ставање на “калници” на тркалата. Поставете и светлосна сигнализација, светла и катадиоптери кои ќе ве направат што е можно повидливи во сообраќајот. Тоа може да ви го спаси животот при возење навечер.

Кога веќе го имате велосипедот, важно е да го одржувате во исправна техничка состојба. Секогаш проверувајте ги гумите, кочниците, ланецот и системите за менување на брзини, бидејки од нив зависи вашето безбедно учество во сообраќајот. Не импровизирајте кога ќе забележите дека нешто не е во ред, и не го игнорирајте проблемот. Однесете го велосипедот кај сервисер, бидејки само така ќе знаете дека е безбеден за возење, и дека нема да ви предизвика технички проблем додека го возите.