Реакции на прес-конференцијата на министерката за труд и социјална политика

Директорите на меѓуопштинските центри за социјална работа од Неготино, Битола и Струмица ги демантираа денеска изнесените тврдења на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски за злоупотреби на службена положба од страна на вработени во повеќе институции под надлежност на Министерството.

– Техничкиот министер изјави дека за извршениот надзор е составен записник. Записник за извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на лицата кои вршеа надзор во МЦСР Струмица не беше составен и не е донесено решение за отстранување на евентуални недостатоци. Во случај кога се врши вонреден инспекциски надзор задолжително се составува записник на кој се потпишува и директорот на установата, а таков најодговорно тврдам дека не постои. Од причина што лицата кои го вршеа надзорот не беа овластени инспектори ваков записник не беше составен ниту пак е донесено решение, наведува Поп-Трајков во соопштението.

Директорката на МЦСР Битола Виолета Гаџовска, во писмената реакција оценува дека ова се случува во предвечерието на изборите, како дел од сценариото на политичката партија на која техничката министерка е член и кандидат за пратеник.

– Измислените афери, фингираните записници, само укажуваат на непрофесионализмот на нејзиниот кабинет, ниту има докази ниту има било каква вистина во нејзините обвинувања кои ги пласира во јавните медиуми. Техничката министерка е параноична бидејќи ако некој вработен од центар за социјална работа или директорот се сретне со некој од корисниците на одредено право, веднаш добиваат впечаток дека врз лицето се врши политички притисок на било кој начин, наведува Гаџовска во соопштението.

Директорката на МЦСР Неготино Роза Јаневска, во соопштението наведува дека како целосно манипулативни и неточни ги смета сите наведени околности дека постојат прекршувања на законските процедури од моја страна во однос на злоупотреба на службената положба и овластување.

– Ниту има вистина ниту докази, туку само лажни обвинувања во насока за лична дискредитација на функционери од ВМРО ДПМНЕ. Според информациите со кои ние располагаме постојат притисоци токму од техничкиот министер за  труд и социјална политика и лица од неговиот кабинет врз корисници на права за да поднесуваат претставки против нашата установа  и им се дава ветувања за решавање по предмети, наведува Јаневска во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.