Реакции во Шпанија отако селекторот на „Фуријата“ потпиша за „Реал“

Претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија (ФФЕФ), Луис Рубијалес, како и пошироката јавност во оваа земја се изненадени од одлуката на селекторот Џулен Лопетеги да ја прифати понудата на „Реал“ од Мадрид и да ја ппреземе тренерската функција, на само три дена пред почетокот на Светското првенство и дуелот против Португалија.

Кралскиот клуб во вторникот објави дека ја активирал откупната клаузула од Фудбалската федерација на Шпанија во висина од 2 милиони евра и потпишал тригодишен договор со Лопетеги.
Оваа информација поттикна многу контроверзии во Шпанија, особено ако се знае дека тренерот на „Фуријата“ само пред две недели ја продолжи соработката со националниот сојуз до 2020 година.

Рубјиалес итно отпатува во Краснодар, каде е сместен шпанскиот тим и ќе присуствува денеска на заедничката прес-конференција со селектор Лопетеги.

Ќе реагираме одговорно и ќе го правиме најдобро за националниот тим, рече првиот човек на шпанскиот фудбал по пристигнувањето во Русија.

Според шпанските медиуми, Рубијалес и Лопетеги на прес конференцијата можеби ќе објават дека стратегот нема да ја води „фуријата“ на Мундијалот, а тимот ќе го предводи селекторот на младата репрезентација на Шпанија, Алберт Целадес.

Шпанија е во групата „Б“ заедно со Португалија,Мароко и Иран.