Реакција на ЦУК поради наводите на Бојаровски

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, во писмена реакција во средата ги негираше тврдењата изнесени претходно од Синдикатот на вработените во ЦУК, истакнувајќи дека буџетот за репрезенатаци цо износ од 100.000 денари за оваа година се уште не бил потрошен.

Синдикат на вработените во Центарот за управување со кризи излезе со нови пикантерии и обвинувања до директорот на ЦУК, Агрон Буџаку, за можна злоупотреба на службената должност и неговото „галантно“ трошење на службени пари. Синдикалците најавија и иницијатива за штрајк за остварување на правата на вработените.

„Во врска со прес-конференцијата на вработениот во Центарот за управување со кризи (ЦУК), Илија Бојаровски, би сакал да реагирам дека досега приложените „докази“ од страна на истиот, кој во континуитет изнесува свои лични ставови, а не ставови на вработените во ЦУК, ниту, пак, ставови на најтесното раководство на ткн. Синдикат, целосно ја искривува сликата на реалните факти, со што го нарушува угледот на институцијата и ја попречува работата, но уште пострашно е тоа што се обидува да ја наруши долгогодишната соработка со меѓународната јапонска организација JICA, со која години наназад ЦУК има реализирано голем број проекти кои се во интерес на граѓаните на Република Македонија.

За Ваша информација на повидок е уште еден тригодишен проект со истата таа организација која се однесува на намалување на ризици од катастрофи во животна средина.

Во врска со приложените комисиски записници за потрошени 25.000 денари на угостителски услуги, морам да потенцирам дека се работи за репрезентација потрошена на 12-члена висока делегација на меѓународната организација – JICA.

Според предвидениот буџет за цела 2017 година за репрезентација на директорот се предвидени 100.000 денари. Овој буџет се троши согласно планот и динамиката за реализација на буџетот и истиот се уште не е потрошен.
Изнесувањето на интерни документи од страна на неовластено лице, односно вработени, повлекува одговорност за која во наредниот период надлежните служби ќе постапуваат.

За „незаконското работење“ постојат државни органи, за кои во секое време сме спремни да им ги доставиме сите потребни документи и информации, со цел да ја утврдат исправноста на нашето работење.

Работата на Центарот е транспарентна и отворени сме за соработка со јавноста, но не би сакал во иднина да се доведувам до ситуации на ваков начин да “се објаснувам” за секоја изјава која е неоснована и дадена од човек кој со тоа сака само да си ги исполни своите лични желби и амбиции“, се наведува во реакцијата на директорот Буџаку.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.