Реакција на МИОА:Oчекуваме поголем професионален однос и конструктивност од ЗНМ

Во врска со денешната изјава на Здружението на новинарите на Македонија и неговиот претседател Насер Селмани, Ве информираме за следното :

Во однос на делот на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се предлага двете мнозински здруженија да имаат по еден претставник во Програмскиот совет на МРТ, на заеднички состанок беа консултирани највисоките одговорни лица на мнозинските новинарски здруженија, Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари, при што не беа дадени забелешки за предлогот од нивна страна.

Оттука, прашуваме како е можно претставници на Здружението на новинарите на Македонија на редовните состаноци во министерството да изнесуваат едни ставови по однос на овие прашања, без притоа да имаат забелешки на заклучоците, а потоа на прес-конференции да даваат сосема спротивни изјави од она што е договорено на официјалните средби. Ваквите ситуации се повторуваат во континуитет, па се поставува прашањето колку извршниот директор на ЗНМ што учествува на состаноците има авторитет и овластување да го застапува здружението.

Во поглед на констатирањето на бројноста на новинарските здруженија, согласно член 14 став 11 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Министерството ги утврдува двете здруженија на новинари со најголем број на членови, притоа водејќи сметка за бројот на членови на новинарските здуженија врз основа на евидентирани потпишани пристапници потврдени со уплата на членарина за секој член на односното здружение.

Врз основа на тоа, повикуваме да се испочитува законот и да се достават листите за евиденција на своите членови, обврска што досега не е направена од страна на ЗНМ.

Министерството за информатичко општество и администрација очекува поголем професионален однос и конструктивност од страна на Здружението на новинарите на Македонија и доследно почитување на законите, со цел да се избегне различното толкување на правните норми и непотребното манипулирање на јавноста.