Реакција на МОН: „Плусинфо“ без да побара информација, по секоја цена ги девалвира проектите за студентите

Наместо да се обрати до Министерството за образование и наука и да побара информација за статусот по однос на изградбата на новиот објект на студентскиот дом „Невена Георгиева – Дуња“, новинарот кој стои зад текстот со наслов  „Наместо нов медицинар се крева трева“, по секоја цена се обидел да го девалвира спроведувањето на еден од најкапиталните владини проекти за унапредување на студентскиот стандард во делот на сместувањето и престојот на студентите во државни сместувачки капацитети, се вели во реакцијата на Министерството за образование по однос на текстот на „Плусинфо“.

Во продолжение го пренесуваме текстот интегрално:

 Должни сме да информираме дека целокупната постапка за изградба на овој капитален објект согласно Законот за јавни набавки е веќе спроведена и може да се провери на интернет страницата на Бирото за јавни набавки. Во следните неколку денови ќе биде донесена одлуката за избор на компанија изведувач на градежните работи, по што, веднаш по склучувањето на договорот, ќе започнат и активностите на терен – најпрво за дислокација на стариот објект, а потоа и за изградба на новиот.

Колку за потсетување, за време на мандатот, актуелната владина гарнитура континуирано инвестира во унапредувањето на условите за студентско сместување и престој.

Во таа насока, покрај санацијата на постојните, изградени се и нови современи сместувачки капацитети – 8 нови и целосно опремени павилјони, во состав на студентскиот дом “Стив Наумов“, за што се инвестирани 100 милиони денари. Во тек е етапна реконструкција на најголемиот студентски дом во државата, “Гоце Делчев“, каде еден од вкупно четирите блокови, блок Б е целосно обновен и опремен, а во меѓувреме завршува и обновата на вториот – блокот А. Досега се инвестирани 180 милиони денари. Потоа ќе следи и реконструкција на блоковите В и Г, како и мензата и партерот.

Дополнително, извршена е целосна замена на лифтовите во сите државни студентски домови каде има инсталирани и се користат лифтови, за што се инвестирани 15 милиони денари.

Ако на ова се додадат и сите останати инвестиции, најавени и во тек, како набавката на мебелот за сите државни студентски домови, набавката на пералните и сушалните, активностите за изградба на новиот објект на студентскиот дом “Невена Георгиева Дуња“, но и изградбата на дополнителни два студентски домови, повеќе од јасно е дека унапредувањето на условите за сместување и престој во студентските домови останува да биде врвен приоритет во програмата за работа на Владата и Министерството за образование и наука.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.