Реакција на Москва: ЕУ треба да се срамат поради санкциите кон Русија

Русија денеска ги критикуваше новите санкции на Европската унија против руски државјани поради улогата на Москва во украинската криза, наведувајќи дека ЕУ е под влијание на Вашингтон  и дека треба да се засрамат.

„Наместо да го принудат Киев да седне на преговарачка маса со претставниците на југоисточна Украина и да преговара за идната структура на државата, нашите партнери се потчинија на новите непријателски гестови на Вашингтон спрема Русија,“ соопшти министерството за надворешни работи на Русија.

Доколку воведувањето на нови санкции на ЕУ кон Русија, е нов обид да се стабилизира ситуацијата во Украина, тоа значи дека Брисел не ја сфаќа политичката ситуација во Украина, наведува министерството.

„Ако некој во Брисел се надева дека ќе ја стабилизира ситуацијата во Украина на тој начин, тоа е очигледен доказ за нивното неразбирање на политичката ситуација во Украина и директен повик на локалните неонацисти да продолжат со анархијата и повредувањето на цивилите на југоистокот на земјата,“соопшти министерството за надворешни работи на Русија.