Реакција на СДСМ на прес-конференцијата на Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската СДСМ во реакција на денешната прес-конференција на претседателот на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Коневски, наведува дека ВМРО-ДПМНЕ „шири лаги за СДСМ и за претседателот на партијата Зоран Заев, како и дека го прекршила Изборниот законик“.

– Денешната официјална прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ претставува изборно медиумско претставување, поради изнесените ставови на политичката партија од страна на гласноговорникот Ивица Коневски. Според членот 69-а од Изборниот законик, за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани, организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми, се вели во реакцијата.

Според СДСМ, Државната изборна комисија и Ад хок комисијата при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба  да реагираат и да ги санкционираат, како што посочува, ваквите прекршувања.