Реал дојде до јубилејната 10-та европска титула

Кошаркарите на Реал Мадрид ја освоија титулата европски шампиони откако во неделата во финалето од завршниот турнир на Евролигата во Белград го совладаа бранителот на пехарот Фенербахче од Истанбул со 85:80 (21:17, 17:23, 25:15, 22:25).

Реал дојде до јубилејната десетта европска титула благодарејќи на перфектната игра во нападот во второто полувреме, коешто го започна со серија 7:0 со која го презема водството и повеќе не го испушти до крајот на мечот. Фенербахче со „тројката“ на Мухамед успеа да се приближи на 81:78 на 22 секунди до крајот а потоа Каусер не погоди две слободни фрлања за Реал, но по неговиот втор неуспешен обид офанзивен скок оствари Томпкинс и лесно положи за 83:78 со што го реши прашањето на победникот.

Фабуен Каусер со 17 кошеви беше најефикасен кај Реал, а Лука Дончиќ додаде 14 поени, додека кај Фенербахче единствени расположен беше Николо Мели со 28 кошеви.

За Реал ова беше 10-та победа во 18-то финале, а последниот пат триумфираше пред три години. За Фенербахче, пак, ова беше третото финале во третата година со ред, во 2016 година загуби од ЦСКА а во 2017-та го победи Олимпијакос.

Третото место на турнирот го освои Жалгирис од Каунас кој со одлична игра во последната делница со конечните 79:77 (22:19, 19:16, 28:13, 10:29) ја совлада ЦСКА од Москва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.