Реал Мадрид по шести пат на светскиот трон

Фудбалерите на Реал Мадрид по шести пат во историјата, а третпат во последните четири години, ја освоија титулата светски клупски првак откако во саботното финале на ФИФА клупското првенство на светот во Абу Даби со 1:0 (0:0) го совладаа бразилски Гремио.

Стрелец на победничкиот погодок беше Кристијано Роналдо во 53 минута од слободен удар, откако над него беше направен прекршок на 25 метри од противничкиот гол. Роналдо пронајде пукнатина во живот ѕид на Гремио и го погоди спротивниот агол од оној кој го бранеше бразилскиот голман Марсело Грохе.

Реал потполно заслужено стаса до победата, имајќи предвид дека неговите играчи упатија 20 удари кон голот на Греми, чиишто играчи, пак, имаа еден удар кон голот на Кејлор Навас, во првото полувреме кога Едилсон од 40 метри биеше за малку над голот.

За тренерот на „кралевите“ Зинедин Зидан ова е осмиот трофеј откако седна на нивната клупа.

Во натпреварот за третото место мексиканска Паќука ја совлада во Аби Даби домашната Ал Зазира со 4:1.