Реал по домашното реми со Баерн прв финалист во ЛШ

Фудбалерите на Реал Мадрид трета година со ред ќе се борат за титулата победник во Лигата на шампионите откако пред своите навивачи одиграа 2:2 (1:1) во реваншот со минхенски Баерн кого минатата седмица на негов терен го совладаа со 2:1.

Двата погодока за Реал ги постигна Карим Бензема, во 11 и 46 минута, додека стрелци за Баерн беа Џошуа Камих во 3 и Хамез Родригез во 63 минута. Сепак, се чини, дека на Баварците малку им недостасуваше да направат подвиг и да се реваншираат за домашниот пораз.

Баерн го започна дуелот како што само можеше да посака, идентично како и мечот пред шест дена во Минхен, а дури и стрелецот на водечкиот гол беше ист. Камих уште во 3 минута покажа снаодливост и ладнокрвност во противничкиот шеснаесетник кога по нафрлувањето на Томас Милер од десната страна и лошата реакција на Серхио Рамос, од работ на петерецот го совлада Кејлор Навас. Свесни дека ден погодок не им е доволен за пласман во финалето, гостите продолжија со нападите, што остави простор за противнападите на фудбалерите на Реал, во прв ред за Кристијано Роналдо и Карим Бензема. И веќе во 11 минута францускиот напаѓач по нафрлувањето од Марсело од левата страна остана сосема сам на втората статива заборавен од Давид Алаба, и лесно поентираше, имајќи предвид дека голманот Свен Улрих остана вкопан на средината од својот гол.

Баерн можеше да дојде повторно во водство во 33 минута, кога Матс Хумелс идеално го проигра Роберт Левандовски во шеснаесетникот на домашните, но најдобриот стрелец на Баварците беше спречен од Навас. Во продолжение на истата акција Милер одлично со глава ја спушти одбиената топка до Родригез, но овој од само два метра шутираше преку пречката. Дури во 39 минута Кристијано Роналдо го упати својот прв удар кон противничкиот гол, но Улрих со добра интервенција ја извлече топката од долниот лев агол.

Двапати играчите на Баерн во првото полувреме бараа од турскиот судија Чинејт Чакир да досуди пенал, поради старт над Левандовски и поради играње со рака на Марсело, но и во двете ситуации Чакир не се огласи. Така, првиот дел заврши со 1:1, резултат кој му одговараше на Реал, а на Баерн му остави надежи дека може да се избори барем за продолжувања, во кои лани од истиот противник беше елиминиран.

Но само по 30 секунди игра во вториот дел, Бензема го направи големиот чекор на Реал кон финалето. И повторно по грешка на гостинската одбрана. Толисо непотребно упати повратна топка кон голманот Улрих околу кого се создадоа неколку играчи на Реал, а тој двоумејќи се дали да ја фати со раце и да му даде на противникот индиректен удар или да ја исфрли, дозволи топката да го мине и да дојде до Бензема кој лесно ја продолжи зад неговиот грб.

По вториот гол на Реал, стратегот Зидан уште повеќе ја згусна одбраната очекувајќи грешка на противникот. Така во 53 и 54 минута Лука Модриќ и Роналдо имаа идеални позиции но нивните шутови не го погодија противничкиот гол. Но затоа на спротивната страна во 63 минута Баерн дојде до израмнување и до шансата со уште еден гол да се пласира во финалето. Штоперот Зуле од десната страна нафрли во казнениот простор, првиот обид на Родригез заврши во блокот, но довчерашниот напаѓач на „кралевите“ во вториот обид ја протна топката низ нозете на Навас.

Во 74 минута Толисо одлично шутираше од близина но Навас бравурозно одбрани, потврдувајќи дека севкупно со првиот меч е главниот „виновник“ за минувањето на Реал. До крајот на мечот Баварците се стремеа да дојдат до третиот погодок, но немаа успех ниту во судиското продолжение од шест минути, пропуштајќи да реализираат најмалку пет добри можности. Во прилог на тоа оди показателот дека Баерн имаше 20 удари кон противничкиот гол, а Реал само 9. Од осумте удари кои одеа директно во голот, Навас одбрани шест.

Реал во финалето на 26-ти мај во Киев ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Ливерпул и Рома. Римјаните на својот „Олимпико“ во среда ќе се трудат да направат уште едно „чудо“ по елиминацијата на Барселона откако имаа три гола заостанување, зашто „редсите“ пред седум дена на „Енфилд“ славеа со 5:2.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.