Реал по триумфот кај Леганес се проби на третото место

Во заостанатиот натпревар од шпанското фудбалско првенство, актуелниот шпански и европски шампион Реал Мадрид славеше на гостувањето кај Леганес со 3:1 и се проби на третото место на табелата но и натаму со големо заостанување зад најголемиот ривал водечката Барселона.

Средбата започна со многу раното водство на домашните, кога во шестата минута Унаи Бустинза храбро полета со глава по топката и ја погоди противничката мрежа. Но водството на Леганес траеше само пет минути, откако израмни Лукас Васкез. Во 29 минута брзата и прецизна акција на Реал со гол ја заврши Каземиро. Во првата минута од судиското продолжение Тито во домашниот шеснаесетник го собори Матео Ковачиќ, а сигурен реализатор на најстрогата казна за „кралевите“ беше Серхио Рамос.

Реал сега со 48 бодови ја прескокна на третата позиција Валенсија која има два бода помалку, а на врвот се Барселона со 62 и Атлетико Мадрид со 55 бодови. Леганес е 13-ти со 29 водови.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.