„Реал“ славеше во Атина, ЦСКА пак подобра од „Химки“

Кошаркарите на „Реал“ на жешкиот терен во Атина успеаја да го победат „Панатинаикос“ во вториот меч од четвртфиналето на елитното европско натпреварување, откако пред три дена беа „прегазени“ на истиот терен со 35 разлика. На страната на ПАО беше високата победа во првата рунда, но ја изгубија предноста на домашниот терен, па ако сакаат да се пласираат на фајнал форот ќе мора да ги добијат наредните два меча, кои се играат во Мадрид или барем еднаш да слават во Шпанија за да играат мајсторка во Атина.

Во победата на „Реал“ од 82:89 најдобар беше Фелипе Рејес со 18 поени, како и Керол со 17 коша, а двајцата натпреварот го почнаа од клупата. „Детелинките“ имаа предност на полувремето од 40:36 која што на стартот на третата четвртина беше анулирана со серијата од седум коша на Керол и Рејес. Домаќините изедначија на 68:68, но потоа Шпанците рутински го доиграа мечот, иако домаќините не искористија неколку шанси да го направат мечот поинтересен. „Реал“ погоди 11 тројки во 20 обиди и 43 скока наспроти 24 на ПАО.
Кај атињани Мајк Џејмс имаше 20 коша, а Калатес 12 поени, но и три промашени тројки во финишот на мечот.

На самиот крај на натпреварот беше ибегнат поголем инцидент откако Танасис Антетокоунпо го истурка во аут Руди Фернандез по што го нагази, а Шпанецот му врати.

Во вториот вчерашен меч, во руското дерби, ЦСКА го победи „Химки“ со 89:84 и сега има водство од 2:0 пред претстојните два дуела на теренот на противникот. Втората победа кошаркарите на Димитрис Итудис ја остварија без двајцата најдобри,  Нандо де Коло и Кајл Хајнс кои се повредени и нема да играат до крајот на серијата.

Во првото полувреме ниедна од екипите не се одлепи на повеќе од пет разлика, а на пауза гостите имаа минимално водство од 45:43. Вториот дел ЦСКА го почна со серија од 10:0 преземајќи го водството кое „Химки“ потоа упорно го бркаше. Клучен период беше почетокот на последната четвртина кога домашниот тим се одлепи на 79:70, па гостите не успеја да направат уште еден пресврт.
Кај домаќинот најдобар беше Серхио Родригес кој постигна 26 поени и десет асистенции. Една од причините за поразот на „Химки“ беше лошата игра на Алексеј Швед кој застана на само 12 поени со шут од игра 4/13.