Реал со два пенала го совлада второлигашот Нумансија

Фудбалерите на Реал Мадрид со сигурни 3:0 (1:0) го совладаа на гостувањето второлигашот Нумансија во првиот натпревар во осминафиналето од шпанскиот кралски куп.

Сѐ до самата завршница на мечот Реал водеше само со 1:0 со голот што го постигна Герет Бејл во 35 минута од пенал. Дури во 89 минута, повторно од белата точка, мадриѓаните го зголемија водството преку Иско, а конечните 3:0 ги постави Борха Мајорал во првата минута од судиското продолжение. Реваншот, кој треба да биде само формалност, ќе се игра на 10-ти јануари на мадридскиот стадион „Сантјаго Бернабеу“.

Претходно во четвртокот вечерта Барселона, за којашто не настапија Андрес Иниеста, Луис Санчез и Лионел Меси одигра 1:1 на гостувањето кај Селта во Виго. Барса поведе во 15 минута преку Хозе Анраиз, а на изедначи во 31 минута Пионе Систо. Реваншот на „Камп Ноу ќе се игра на 11-ти јануари.

Во четвртокот уште Леганес на свој терен го совлада Виљареал со 1:0, додека Леванте како гостин со 2:1 го надигра Еспањол.

Во вторникот Атлетико Мадрид како гостин го совлада третолигашот Леида со 4:0, Алавес исто така како гостин совлада уште еден третолигаш Форметера со 3:1, Севилја на гостувањето кај второлигашот Кадиз беше подобра со 2:0, додека Лас Палмас и Валенсија одиграа 1:1.