Реал со „шестка“ ја проследи „седумката“ на Барса

Фудбалерите на Барселона и на Реал Мадрид остварија уверливи победи во натпреварите од 34-то коло на шпанската Примера останувајќи бодовно израмнети на врвот од табелата, но мадридските „кралеви“ имаат и меч помалку.

Реал Мадрид во Ла Коруња го совлада Депортиво со 6:2, додека претходно Барселона на својот терен ја торпедираше Осасуна со 7:1.

Водачот од клупата на Реал, Зинедин Зидан, во средата вечерта ги одмораше Кристијано Роналдо, Лука Модриќ и Карим Бензема, а по болниот пораз против Барселона пред своите навивачи пред неколку дена поради суспензија од тимот изостанаа и Серхио Рамос, а поради повреда и Гарет Бејл. Но и така ослабени, „кралевите“ пружија одлична партија.

Гостите од Мадрид поведоа веќе во 53 секунда од мечот, кога гол постигна Алваро Мората. Иско во 7 минута ја погоди стативата, а истото го стори и Асенсио во 12 минута. Но веќе во следната минута Хамез Родригез го зголеми водството на 2:0. Во тие минути играчите на Депортиво беа сосема надиграни, но откако се соземаа со голот на Флорин Андоне во 35 минута намалија на 1:2, а потоа неколку минути беа супериорни и создадоа голем број добри прилики.

Сепак, Лукас Васкез во 44 минута го „одлепи“ Реал на два гола предност, а во второто полувреме прецизни беа Родригез во 66, Иско во 77 и Каземиро во 87 минута. Депортиво преку Хозелу во 84 минута само успеа да го ублажи поразот.

Каталонците, пак, настапија без суспендираниот Нејмар и Луис Суарез кој целиот меч го преседе на клупата за резервни играчи, а Лионел Меси играше до 63 минута.

Головите за Барселона ги постигнаа Меси во 12 и 61 минута, Андре Гомеш во 30 и 58 минута, Пако Алкасер во 64 и 87 минута и Хавиер Масерано од пенал во 67 минута. За Осасуна голот го постигна Роберто Торес во 48 минута, но со овој пораз неговиот клуб веќе нема изгледи да се спаси од испаѓањето од лигата.

Иако Меси одигра уште еден одличен меч, еуфоријата кај навивачите го предизвика неговиот сонародник Маскерано кој по седум години минати во Барса првпат се запиша во листата на стрелците кога сигурно го изведе пеналот со овации од навивачите но и одушевување кај соиграчите. Топката во раце ја зема Иван Ракитиќ, и сите мислеа дека хрватскиот интернационалец ќе ја изведе најстрогата казна, но тој го повика тоа да го стори Маскерано. Историскиот момент за Аргентинецот се случи во 318-от натпревар во дресот на Барселона.

Барса и Реал се израмнети на врвот со по 78 бодови, но мадриѓаните имаат натпревар помалку.

Во средат, исто така, Валенсија беше поразена на свој терен од Реал Сосиедат со 2:3. Головите ги постигнаа Нани во 68 минута од пенал, и Заза во 72 минута. Гостите поведоа веќе во првата минута со автоголот на Алвез, а потоа водството го зголемија Хозе од пенал во 30 минута и Оиарзабал во 65 минута.

Леганес беше сигурен со 3:0 против Лас Палмас. Стрелци беа Лусиано во 55 и во 61 минута од пенал, и Гереро во 59 минута.

Во вторникот Атлетико Мадрид дома загуби со 0:1 од Виљареал, а Гранада од Малага со -0:2, додека Спортинг Хихон и Еспањол играа без победник 1:1.

Во четврток играат Алавез – Еибар, Севиља – Селта Виго и Атлетик Билбао – Реал Бетис.