Македонија

Реализацијата на марината и пешачката патека до Канео почнува во 2015

Реализацијата на марината и пешачката патека до Канео почнува во 2015

Дел од инфраструктурните проекти значајни за Охрид, кои се дел од програмата на Владата е и изградбата на пешачка патека од центарот на Охрид од пристаништето до зад Свети Јован Канео, изјави премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на  реконструираниот локален пат од горно до долно Лакочереј, Охридско.

– Синоќа со градоначалникот и со министерот за транспорт имавме средба за деталите за неколку проекти значајни за Охрид. Една од нив е пешачката патека од центарот на Охрид од Пристаништето до некаде зад Канео. Сега треба да почне реконструкција, односно да почне изработка на проект за што министерот за транспорт ќе започне процедури и некаде за од прилика една година отсега или година и неколку месеци да започне градбата на оваа патека и да заврши до крајот на 2016 година. Разговаравме и за марината за која што ќе требаат сериозни подготовки и се надевам некаде од 2017 ќе почне и ќе заврши градбата, рече премиерот Груевски.

Проектот за изградба на марина во Охрид е во фаза на идејно решение и треба да почне да се реализира по фази од наредната година. Практично станува збор за адаптација на постојното градско пристаниште при што треба да се направат два дополнителни крака на пристаништето. Повик за изготвување на главен проект треба да се распише во 2015 и ќе се изработи физибилити студија. Во 2016 година ќе се знае дали има интерес за јавен-приватен партнер согласно програмата, и доколку има, проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, по што се очекува во 2018 година целосно да биде завршена изградбата и реконструкцијата на постојното пристаниште.

И за изградбата на пешачка патека до Канео, прелиминарните подготовки ќе почнат во 2015 година.