Македонија

Реална проценка и откуп на вишокот тутун

Реална проценка и откуп на вишокот тутун

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков од компаниите ќе бара реална проценка на тутунот, навремена исплата и откуп на произведениот вишок од 3.000 до 5.000 тони.

Цветков кој денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, го посети откупен пункт во Прилеп, рече дека ќе се искористат сите механизми за продажба на тутунот според Законот.

– На тутунарите можам да им ветам дека, според законот, ќе откупуваат фирмите кои обезбедиле пари и банкарски гаранции за тутунарите да ги добијат парите, а државата ќе им ги исплати субвенциите, изјави министерот.

Тој досега одржал три состаноци со директорите на деветте откупни компании и добил впечаток, нагласи, дека се расположени да го откупат вишокот на тутун.

Според Цветков, субвенциите за тутунарите за 2013 година се исплатени. Пари можеби не добиле само оние кои не доставиле потполна документација.

Информирајќи за состојбата на терен, директорот Стаменов посочи дека досега се откупени околу 200.000 килограми тутун, а просечната цена е 122 денара за килограм.

Стаменов е категоричен дека се следат сите откупни пунктови. Три компании до вчера, во законскиот рок – 15 декември, не го почнале откупот и ќе бидат казнети.

– Пашоски, Орбита табак и Далија од Делчево немаа обезбедено банкарски гаранции поради што не го почнаа откупот до вчера, последниот ден за старт на откупот и ќе бидат казнети со по 15.000 евра, изјави Стаменов, додавајќи дека ќе се санкционираат и тутунарите кои немаат склучено договори со откупувачите.

Директорот потенцира дека без договор со откупувачите производството на тутун е незаконско и количините може да бидат запленети од инспекцијата.

Тутунарите, како што изјави претседателот на Сојузот на тутунските здруженија Данчо Милески, ќе бараат инситутционална проверка на мерните инструменти на откупувачите за влажноста на тутунот.