Ребалансот на Буџетот изгласан без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

По пет дневна расправа Собранието доцна попладнето го усвои ребалансот на Буџетот за 2017 година, со 61 глас „за“, двајца „против“ и ниту еден воздржан, откако најголемата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во знак на протест ја напушти собраниската сала и не присуствуваше на гласањето.

Пратеникот Илија Димовски рече дека ВМРо-ДПМНЕ нема да гласаат за ваквиот Буџетот, бидејќи владејачкото мнозинство не покажало демократија и инклузивност, со одбивање на сите поднесени амандмани.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, ребалансот претставува прв чекор кон градење на подобро општество бидејќи тој предвидува ограничувања и кратења поради зголемениот јавен долг. Според него, ребалансот ги крати непродуктивните трошења на Владата и институциите за 122 милиони денари, но и други расходи за 257 милиони денари.

Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетски дефицит на 18,57 милијарди денари, додека вкупните приходи се ревидирани за 2,87 милијарди денари и капиталните расходи се ревидирани на 23, 4 милијарди денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.