Ребалансот наменски, ќе се обезбедат пари за отштета од поплавите

Новиот ребаланс на Буџетот за 2016 година е наменски и се носи за обесштетување на граѓаните погодени од поплавите. Ребалансот во моментов е единствениот начин на кој може да им се помогне на настраданите.

Вака пред собраниската Комисија за финансирање и буџет пратениците од ВМРО-ДПМНЕ образложија зошто се носат вторите измени и дополнувањата на Буџетот годинава, наспроти нивните колеги од СДСМ кои се децидни дека на поплавените мора да им се помогне, но со средства од постојните пари во државната каса и нивна пренамена, а не со нови задолжувања и зголемување на буџетскиот дефицит. И ДПА е против ребалансот на Буџетот со образложение дека е премногу задоцнет.

– Наредниве денови нема да се дискутира само за ребалансот на Буџетот, туку ќе се зборува и за судбината на илјадници граѓани на кои им е потребна помош, рече министерот за финансии Кирил Миноски, објаснувајќи ги причините за ребалансот.

Тој апелира пратениците да го земат ова предвид и да го поддржат ребалансот за што поскоро обесштетување на поплавените.

– Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2016 година се обезбедуваат дополнителни 2,240 милијарди денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата непогода. Со обезбедувањето на дополнителните средства се врши и ревидирање на буџетскиот дефицит на ниво од четири отсто од БДП. Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обебзедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит, истакна Миноски.

Како што информира претседателот на Комисијата Марјанчо Николов, СДСМ поднесе 11 амандамни со кои предвидува да се скратат 27 милиони евра за да се намали буџетскиот дефицит, а во исто време да се обезбедат пари за обесштетување на граѓаните.

– Имаме предлог со кој јасно кажуваме дека има пари во постојниот Буџет за да не се земаат нови кредити. Предлагаме да се скратат 10 милиони евра од реконструкцијата и изградбата на административните згради, пет милиони евра од економската промоција и рекламирање на Македонија, 1,3 милиони евра од маркетингот што го спроведува Агенцијата за странски инвестиции и уште неколку други вакви ставки…, напомена Николов.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ го квалификува ставот на СДСМ за ребалансот како политички трик и маркетинг, зашто, како што нагласи, единствен начин за да им се помогне на поплавените во моментов е со ребаланс на Буџетот.

– Првичните проценки се дека обесштетување на граѓаните и санирање на последиците се потребни нешто повеќе од 40 милиони евра. Согласно изготвениот ребаланс, 35 милиони евра ќе се обезбедат од депозитите, односно од средствата од еврообврзницата кои требаше да се користат за буџетски потреби. Дополнителниот дел средства што се обезбедува е кратења во одредени министерства, институции и органи на државата, посочи Мукоски.

Според него, многу мал дел се крати од капиталните расходи, онаму каде што е проценето дека до крајот на годината нема да можат да се реализираат проектите целосно и дека нема да се потрошат средствата со што се обезбедуваат потребните околу 40 милиони евра.

– Она што опозицијата сака да го наметне како размислување, дека има пари и не е потребен ребаланс, не држи и е чист политички трик и маркетинг зашто сите проекти предвидени со годинашниот буџет и се почнети како јавни набавки, во моментов, при нивното прекинување, предизвикуваат одредени облигаторни дејства, консеквенци и последици. Затоа не можат одредени проекти да се прекинат туку така и одредени средства да се префрлат од ваму – таму. Тоа е приказна за мали деца и не треба да се манипулира со граѓаните, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Може да се одвојат, рече, само средства за кои моментно нема јавна набавка, односно проекти кои не се веќе почнати.

– За институции кои не се министерства или државни органи, постојат одредени законски процедури кои треба да се спроведат за парите да се стават во фунцкија. Единствениот начин на кој може да се помогне на настраданите во моментот е со ребаланс на Буџетот. Во моментов толкав износ на средства, од околу 40 милиони евра, можеме да обезбедиме само во делот на депозити, односно на оние резервирани средства од еврообврзницата кои не велиме дека во иднина нема да ги надополниме со зголемена економска активност, потенцира Мукоски.

Реџаил Исмаили од ДУИ ги повика своите колеги побрзо да го усвојат ребалансот за поскоро да им се помогне на поплавените.

– Овие пари можеби нема да им значат многу на семејствата чии членови ги загубија животите, но ќе им ја олеснат состојбата на оние што претрпеа материјална штета, рече Исмаили.

Тој му предочи на министерот Миноски дека се уште сите семејства не ја добиле паричната помош од 500 евра и побара од него лично да се заложи за целосно спроведување на оваа мерка. Воедно упати и барање до Владата посебно да им помогне на бизнисите кои, како што напомена, исто така претрпеа големи штети од невремето.

Исмаили подвлече дека сите земјоделци од поплавените подрачја ќе добијат субвенции и ќе бидат осолободени од давачките кон државата.

Нагласувајќи дека ДПА нема да го поддржи ребалансот, Орхан Ибрахими изнесе низа обвинувања до власта за дискриминација. Според него, треба да се побара одговорност од институциите за последиците од поплавите, особено поради тоа што имаше и жртви.

Расправата за ребалансот во Комисијата за финансирање и буџет, според собранискиот деловник, може да трае десет дена. На пленарна седница, пак, оваа точка е закажана за 19 септември.