Речиси 1.500 Македонци повеќе од лани побарале азил, добиле само 0,3 отсто

Првите шест месеци од 2014 година 4.589 Македонци побарале азил во Германија, пишува дневниот весник „Дневник“. Од Федералната канцеларија за миграција и бегалци за „Дневник“ информираат оти оваа бројка покажува дека станува збор за зголемување на интересот споредено со бројот на баратели за истиот период лани. Во првите шест месеци од 2013 година азил побарале 3.076 Македонци, односно речиси 1.500 помалку отколку оваа година. Според анализите на германската Kанцеларија, во втората половина од минатата година е забележан пад на бројот на баратели од земјава. Но од почетокот на годинава се регистрирани потурбулентни промени.

Србија останува лидер во регионот

Во бројки тоа би значело дека во јануари оваа година се примени 1.024 азилантски апликации од Македонци, а во јули бројот е намален за 200, односно регистрирани се 834. Во меѓувреме, од јануари до април се забележува тенденција на намалување, но веќе од мај и во наредните два месеца има повторен пораст на Македонци кои си ја пробале среќата за да добијат азил.

EFEE987DF8D1DB40916BC80C90C030B9

Kолку за споредба, истиот период лани е регистриран постојан пораст на барателите. Па, така, во јануари 2013 се примени 221 азилантска апликација, а веќе во јули истата година 798.

Што се однесува до другите западнобалкански земји, и во првите шест месеци од оваа 2014 лидер останува Србија. Заклучно со јули, 11.858 Срби се обиделе да добијат азил во Германија. Трети на листата, по Македонците, се Босанците, со поднесени 4.157 барања, потоа следува Kосово, од каде што аплицирале 2.956 жители. Последна е Црна Гора со регистрирани 780 апликации. Рангирањето е речиси исто и за минатата година со таа разлика што се сменети позициите на Kосово и на Босна и Херцеговина, односно лани граѓаните на Kосово поднеле повеќе апликации отколку оние од БиХ.

Само 0,3 отсто Македонци добиле азил

Во меѓувреме Германија се подготвува со законски измени да ги затегне процедурите за добивање азил токму за трите прворангирани балкански земји, Србија, Македонија и БиХ. Kон крајот на овој месец се очекува Бундестагот да одлучи во врска со новиот нацрт-закон, со кој ќе се скрати процедурата за депортирање назад на сите баратели на азил од овие земји, чии барања се неосновани. Ваквата иницијатива се забрза како резултат на бегалскиот бран од Сирија и Ирак, од кој Германија е најпогодена. Германските власти сега бараат начин како да си ја олеснат работата со огромниот број мигранти од кризните жаришта, а истовремено да не губат време анализирајќи ги барањата за азил од балканските земји. Министри од 16-те германски региони минатата недела на дводневен состанок расправаа по ова прашање.

3D30506CB0379249BFB2AFFBD55DD233

Заклучокот од петокот е дека новата мерка ги опфаќа оние баратели чија апликација е очигледно неоснована. Според германските власти, во ниедна од овие три земји нема ниту воени ниту економски, а уште помалку политички причини да бараат азил. Според федералната канцеларија за миграција и бегалци, оваа година, од вкупно 4.589 Македонци, азил добиле само 0,3 отсто.