Речиси 3 милиони деца од Сирија не одат на училиште

Околу три милиони сириски деца не посетуваат училишна настава поради војната во земјата, соопшти меѓународната организација „Спасете ги децата“, со седиште во Велика Британија.

Во извештајот на организацијата се наведува дека стотици илјади раселени деца се соочуваат со проблеми при обидот да се запишат на училиште во земјите кои ги прифатиле или во Сирија.

Во денеска објавениот документ се истакнува дека во веќе четвртата година од конфликтот во Сирија немаат пристап до образование цела генерација на деца и тоа може да има последици во следните децении.

Се претпоставува дека 3.465 училишта во Сирија, или една петтина од образовните институции во земјата, се разурнати или пак се користат за воени цели.

Во граѓанската војна во Сирија загинале најмалку 190.000 лица, а околу три милиони Сиријци ја напуштиле земјата, покажуваат податоците на ОН.