Речиси 25. 000 слободни места за идните бруцоши на државните универзитети

Речиси 25. 000 слободни места за идните бруцоши на државните универзитети

На петте државни универзитети има 24 952 слободни места за матурантите кои планираат  да се запишат на факултет. Бројот на слободни места за упис  во академската 2015/2016 година е утврден  со одлука на Влада,  а се темели на резултатите од деталната анализа  на потребите  на пазарот на труд во земјава, дефицитарните занимања кои се актуелни или ќе бидат барани во иднина.

На универзитетот „Св. Кирил и Методиј” има 10 669 слободни места, најмногу места се предвидени  на факултетите за техничко- технолошки науки и на општествени и хуманистички науки . Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски”  ќе може да прими 3803 матуранти, најмногу слободни  места има на Факултетот  за информатички и комуникациски технологии . Универзитетот Гоце Делчев пак, на 13-те факултети и три академии ќе може да прими 5390 кандидати во  трите квоти. На Државниот универзитет во Тетово има 4650 слободни места, во Охрид  на универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле предвидени се  440.

Критериуми за упис како и претходните години остануваат  исти, кандидатите можат да освојат најмногу 100 поени и тоа 60 од општиот успех по сите предмети и  40 проценти од успехот постигнат на државната матура.

Уписните рокови  зависат  од самите универзитети, на скопскиот први уписен рок е  на 13-ти и 14-ти август, додека   на штипскиот почнува на 12-ти август а трае до 14-ти.