Свет

Тешки загуби на египетските сили на Синај Речиси 60 египетски полицајци загинаа во судирите на Синај

Речиси 60 египетски полицајци загинаа во судирите на Синај
© AFP 2017 / Mohamed el-Shahed

Во судирите со џихадистичките терористи во областа ал-Вахат загинаа 58 припадници на министерството за внатрешни работи на Египет, од кои 23 офицери и 35 регрути, соопшти во саботата информативниот портал Masrawy цитирајќи извор од министерството.

Судирите започнаа во петокот ноќта во текот на рации насочени против засолништа на исламистичките милитанти во западниот дел од пустината. Египет води борба против исламистичкиот бунт на две групи, од кои едната е поврзана со Исламската држава, концентрирани на полуостровот Синај. Во овие судири започнати во 2013 година загинаа повеќе од двесте египетски полицајци и војници.

Египетското министерство за внатрешни работи во петокот издаде соопштение за операцијата, но и во саботата официјално не ги откри деталите за бројот на жртвите и повредените. Извори тврдат дека се убиени најмалку 23 полициски офицери, додека другите загинати се полициски регрути.

Безбедносните сили во петокот предупредија дека започнуваат операција кон камп на милитантите во пустината за кој веруваат дека е засолниште на осум осомничени припадници на забранетото движење Хасм. Таа група ја презема одговорноста за низа напади врз египетските судови и полицијата во главниот град Каиро. Оваа групација се смета за една од најопасните во Египет.

Конвојот од четири теренски возила и едно возило на министерството за внатрешни работи кој требало да ја изврши операцијата за неутрализирање на терористичка ќелија која се крие во пустината ал-Вахат на 135 километри од Каиро, упаднал во заседа, и од повисока област бил нападната со рачни минофрлачи и експлозиви, како и тешко вооружување.

Јавниот обвинител на Египет ѝ наложи на канцеларијата на генералниот обвинител за државна безбедност веднаш да спроведе истрага. Претходно беше објавено дека специјалната операција е завршена и оти полицијата и војската ја расчистиле областа во радиус од четириесет километри.

Милитнатите главно напаѓаат во зафрлените делови од северен Синај, каде што групацијата Ансар Баит ал-Макдис (Бранителите на Ерусалим)во 2014 година ѝ изрази лојалност на екстремната сунитска групација Исламска држава. Нападите на овие исламисти, покрај врз полицијата и вооружените сили, се насочени и кон египетските христијани Коптите и кон странските туристи.