среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 23

Речиси двојно зголемен бројот на вработени Албанци во јавниот сектор, опаѓа бројот на Македонците

vraboteni javen sektor

Поврзани вести

Двојно поголем број вработени Албанци, за речиси десет процени, а опаднат број на етничките Македонци во државните служби, е трендот забележан во последната деценија, покажува Годишниот извештај за минатата година на Министерството за информатичко општество и администрација, кој произлегува од регистарот на вработените во јавниот сектор, пишува весникот „Дневник“, пренесува НетПрес.

Лани меѓу 110.311 вработени во јавниот сектор имало вкупно 21.279 Албанци, кои примале плата од државниот буџет, што претставува најголемото учество досега –19.29 проценти. За споредба, во 2007 година тој процент изнесувал 10,78 отсто, што значи дека се зголемил за 8,51. Тоа е периодот кога на власт е коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ прво со ДПА, а потоа и со ДУИ.

Наспроти ова, во истиот период во државните служби опаднало учеството на вработените Македонци – од 83,72 проценти, колку што ги имало во 2007 година, на 75 отсто во минатата година, односно, 82.900 вработен. Тоа значи дека имало за 8,72 проценти помалку вработени Македонци во државните служби. Овие проценти се извлечени врз основа на анализата на етничката структура на 110.311 вработени во јавниот сектор.

Инаку, бројот на вкупно вработените во јавниот сектор е поголем за 19.342 лица, кои ги претставуваат вработените во Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Министерството за внатрешни работи и органите во негов состав со статус на овластени службени лица за кои во Регистарот се водат податоци само за бројот, но не и за нивната етничка структура. Од ова произлегува дека вкупната бројка на вработените во јавниот сектор е 129.653 лица во рамките на 1.291 државна институција.

Извештајот дава и приказ на моментните состојби и на трендовите во јавниот сектор споредено со податоците од минатата година. Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработените, да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата, кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година. Тој ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа во иднина да престанат сите шпекулации што се однесуваат на бројот и структурата во јавниот сектор, рече вчера министерката Марта Арсовска-Томовска.

Од 110.311 вработени во јавниот сектор, 59.111 се жени, а мажи се 51.200. Просечната возраст на вработените изнесува 45,43 години, просекот кај жените е 44,72 години, а кај мажите – 46,25 години. Најмлади се 9 вработени, на возраст од 19 години, а највозрасни се 21 вработен, на возраст од 67 години. Од сите вработени, 485 се без образование, 270 се полуквалификувани, 412 се квалификувани, 9.236 се со основно образование, 36.310 се со средно образование, 4.883 се висококвалификувани, 6.515 се со вишо образование, 48.322 се со високо образование, 2.107 се магистри, а 1.771 се доктори на науки.

Во однос на етничката структура, 82.900 се Македонци, 21.279 се Албанци, 1.781 се Турци, 1.272 се Срби, 1.215 се Роми, 479 се Бошњаци, 478 се Власи, а 907 се други или не се изјасниле. – Бројот на вработените во Армијата, во образованието и во здравството расте. Во образованието, веројатно, поради отворените нови универзитети.

Инаку, бројот на класичните државни службеници во министерствата, за жал, опаѓа и доколку се земе вкупната бројка и државната администрација се спореди со другите вработени во јавниот сектор и со вработените во приватниот сектор, ќе видиме дека согласно европските и светските стандарди, нам ни фалат луѓе во државната администрација, додека за јавниот сектор сметам дека е преоптоварен. Тој тренд треба добро да се нотира и да се испита. Тренд се и рамковните вработувања, кои од 10 отсто пораснале на 19,4 проценти, односно околу 20 проценти, како и стареењето на нашата администрација – рече Борче Давитковски, професор на Правниот факултет во Скопје.

Секретаријатот за Рамковниот договор речиси етнички чист

Во извештајот се даваат и прецизни проценти за тоа колку вработени од одредени етнички заедници има во одредени државни институции. На пример, етничките Албанци се најзастапени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор – 91,05 проценти, Министерството за локална самоуправа – 56,86 отсто, Министерството за економија 46,81 процент, Државниот девизен инспекторат – 57,14, Министерството за правда – 35,40, за здравство 31,39, за животна средина – 32,30 отсто. Во Собранието на РМ има 25 проценти вработени Албанци, а нивниот просек во рамките на сите министерства е 20,44 отсто.

Најчитани вести