среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 20

Речиси една четвртина од непродадената храна завршува во депонија

Во Македонија се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со која манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.

133363420

Поврзани вести

Ова го покажува истражувањето спроведено во рамки на проектот „Храната за гладните, а не на депонија“ што беше презентирано денеска.

Како што изјави Душко Христов од Банката за храна, најмногу храна фрлаат дистрибутивните ланци чии производи се со краток рок на траење, потоа рестораните и домаќинствата.

– Вкупно 99 отсто од анкетираните одговориле дека сакаат да ја донираат храната, а 45 отсто од отпадот од домаќинствата е органски, посочи Христов.

Банката за храна пред пет години покренала иницијатива за донесување закон за нефрлање храна во земјава, но не добила одговор од институциите.

– Ни претстојат предвремени парламентарни избори по кои повторно ќе ја покренеме иницијативата. Се надеваме дека овојпат ќе успееме во намерата, да го донесеме законот, истакна Христов.

Според бројот на жители, Македонија на листата од еден до десет во светски рамки, засега се наоѓа меѓу седмото и осмото место по фрлање храна.

– Илјадници тони храна која е добра за консумирање, секоја година завршува на депонија. Овошје и зеленчук што стоеле неколку денови, но не се расипани, млеко и месо со нивните преработки кои се пред истекот на рокот, леб, печива, слатки и друга пакувана храна секојдневно се исфрлаат од македонските маркети и ресторани, додаде Христов.

Истражувањето за фрлањето храна се спроведе во Тетово, Скопје, Битола и Струмица изминатите неколку месеци од страна на „Храна за сите – Банка за храна Македонија“, но денеска се презентираа резултатите само од Скопје и Тетово каде беа опфатени 170 субјекти, 130 во Скопје и 40 во Тетово.

– Овие вкупно 170 субјекти годишно произведуваат 18.129 тони храна или 384 тони неделно, најмногу леб, печива, свежо овошје и зеленчук. Притоа се регистрирани 66 отсто вишоци од кои најголем дел завршуваат на депонија, рече Христов, најавувајќи дека истражувањето продолжува и во останатите градови од Македонија.

На презентацијата присуствуваше и Араш Дерамбарш, еден од првите и засега единствени луѓе кои го иницираа донесувањето на Законот за нефрлање храна во Франција. Тој го сподели искуството во оваа сфера, начинот на донесувањето на законот и имплементацијата како еден од најбитните елементи.

Како што беше нагласено, засега во светски рамки САД најмногу фрлаат храна.

„Храна за сите – Банка за храна Македонија“ работи на создавање систем кој континуирано, 365 дена во годината ќе обезбедува барем малку храна за сите на кои им е најпотребна, гладните и сиромашни луѓе.

– Полека, но сигурно стануваме активен учесник и реализатор во акцијата посветена на борбата против сиромаштијата и гладта во земјава, како и сериозен борец против фрлањето, расипувањето на дел од храната. Се формиравме на 11 јануари 2011 во Скопје, решени да му помогнеме на секој човек во остварувањето на неговото есенцијално право на живот и животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба, пред се храна, потенцира Христов.

„Храна за сите – Банка за храна Македонија“ досега има избрано и десет амбасадори, луѓе од јавниот живот, за борба против гладта во Македонија.

Најчитани вести