Речиси стотина убиени во нападите во средата во Авганистан

Најмалку 48 луѓе се убени во самоубиствен бомбашки напад во авганистанската престолнина Кабул, додека малку претходно во талибански напад врз безбедносните сили во северната покраина Беглан се убиени 44 војници и полицајци.

Неколкудневното релативно затишје во Кабул беше прекинато во средата попладнето во самоубиствен бомбашки напад врз образовен центар во западниот шиитски дел од Кабул во кој се убиени најмалку 48 луѓе, а уште 67 други се ранети,

Засега никој не ја презема одговорноста за овој напад, но тој ги има карактеристиките на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава за којашто шиитските муслимани се отпадници од верата и се редовна нејзина цел. Талибаните веќе објавија дека немаат никаква поврзаност со нападот во Кабул.

Претходно во средата најмалку 44 авганистански полицајци и војници загинаа во талибански напад врз позициите на авганистанските безбедносни сили во северната покраина Беглан.

Нападот кој доаѓа во моментите откако талибаните пред неколку дена ја преземаа контролата над базата „Шенајеха“, во округот Гормах во покраината Фарјаб по неколку дена интензивни судири, и откако стратешки важниот град Газни се опоравува по петдневните жестоки улични борби, во кои според ОН убиени се 150 цивили.

Тоа покажува дека талибанските бунтовници последниот период вршат жесток притисок врз авганистанските безбедносни сили во речиси сите делови од земјата, не само во нивните традиционални упориште во западниот дел. Талибаните преку својот портпарол Забиула Мухаџид, соопштија дека нападнале воена база и две контролни пункта во Баглан, дека притоа се убиени 70 припадници на безбедноста, како и дека заплениле нови оклопни возила и муниција.