Реџепи: Кокаин се шверцува преку Црна Гора и Албанија

Косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи признал дека преку Косово поминуваат одредени балкански рути со дрога и тоа најмногу марухуана и хероин, додека кокаинот повеќе оди преку Црна Гора и Албанија.

„Една од рутите е Косово, но таа рута поминува и низ другите земји. Кога се работи за хероин, вистина е дека дел од рутата преку која се препродава оваа дрога, е и Косово, односно поминува од Авганистан, Иран, потоа Турција, Бугарија, Грција, Србија, Македонија, Косовово и понатаму“, изјавил Реџепи за „Дневне Новине“.

Според него марихуаната најчесто доаѓа од Косово, додека кокаинот повеќе доаѓа преку Албанија и Црна Гора.

„Сепак се работи за помали количини, па не можеме да речеме дека се работи за голема рута. Најмногу има марихуана, односно канабис, а хероинот е на второ место“, заклучил Реџепи.

Министерот тврди дека нема конкретни сознанија за постоењето на организирани криминални групи кои се бават со шверц на дрога, чии членови се граѓани на Косово и Црна Гора, но не го негирал ниту нивното постоење.

„Немаме податоци за постоењето на конкретни криминални групи чии членови се државјани на Косово. Сепак криминалните групи најчесто се со мултиетнички карактер во кои државјани на различни земји меѓусебно соработуваат. Ги сочинуваат Абанија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, а седиштата најчесто им се во западна Европа, која е нивна финална дестинација“, навел Реџепи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.