Свет

Референдум во Данска за правилата на ЕУ за правда и внатрешни работи

Референдум во Данска за правилата на ЕУ за правда и внатрешни работи

Пет дански политички партии, кои заедно имаат 75 отсто од местата во Парламентот во Копенхаген, постигнаа договор за одржување референдум најдоцна до крајот на март 2016 година, на кој Данците ќе се изјаснат околу примената на правилата на ЕУ за правда и внатрешни работи, објави МИА.

Како што јави ДПА, Данците ќе треба да одговорат на прашањето дали земјата да се откаже од голем дел од исклучоците од правилата на ЕУ за правда и внатрешни работи, што се однесуваат само за Данска.

– Данска и натаму ќе остане надвор од политиките на ЕУ за бегалците и за азил – изјави данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит.

Исклучоците од правилата на ЕУ за правда и внатрешни работи кои важат само за Данска се воведени во 1993 година.

Доколку гласачите се изјаснат позитивно на референдумот, Данска во иднина ќе може да решава одделно за примена на секое правило на ЕУ од оваа сфера.

Со договорот меѓу петте партии се предвидува дека Данска ќе прифати 22 од правилата на ЕУ, меѓу кои и оние за борба против илегалната трговија со луѓе и кибер криминалот, додека останатите 28 и натаму нема да се однесуваат на неа.