Референдум во Нов Зеланд за ново знаме

Граѓаните на Нов Зеланд на референдум ќе одлучуваат дали ќе го задржат досегашното државно знаме или не, соопштил новозеландскиот премиер Џон Киј, јавуваат светските новински агенции, пренесува Нетпрес.

Тој вели дека претпочита сребрениот папрат, добро познат симбол на сите рагби фанови, да го замени на аголот од знамето британскиот Јунион Џек – симбол на поранешниот колонизатор, пишува „Франс Прес“.

– Според мене за Новозеланѓаните дојде време да преминат кон симбол, кој подобро го одразува нашиот статут како независна и модерна нација, било наведено во соопштението до јавност на премиерот.

Папратот е „заштитен знак“ на „Ол Блекс“ – новозеландскиот национален рагби тим, но и на други спортски клубови во земјата. Тој отсекогаш бил препознаван како симбол на Нов Зеланд, слично како што јаворовиот лист ја симболизира Канада, дополнил Киј.

Според планираното, процедурата за смена на знамето предвидува две етапи. Во правата, кон крајот на идната година државјаните на Нов Зеланд ќе избираат нов дизајн за националното знаме, од неколку предложени варијанти, избрани претходно од надлежна комисија составена од експерти и јавни лица.

Втората етапа е планирана за 2016 година, кога ќе се избира дали знамето, кое претходно добило најмногу гласови, ќе стане официјален државен симбол, или пак тоа ќе остане старото знаме.

Целиот процес ќе чини околу 26 милиони новозеландски долари (21 милион американски долари).

Вицепремиерот на Нов Зеланд, Бил Инглиш, кој е назначен како одговорен за целиот процес, изјавил дека поголемиот дел од парите ќе бидат потрошени за двата круга на гласањето по пошта и за рекламна кампања.

Инаку, сегашното знаме на Нов Зеланд претставува син четириаголник, во чиј горен лев агол е вметнато знамето на Велика Британија (Јунион Џек), а во десниот дел има четири црвени ѕвезди, кои го претставуваат соѕвездието Јужен крст.

Критичарите тврдат дека сегашното знаме на Нов Зеланд многу лесно може да биде помешано со знамињата на други поранешни британски колонии, како на пример Австралија.