Референдумот го продлабочува јазот меѓу Грција и еврозоната

referendum-grcija-EU-valdis-dombrovskis
Валдис Домбровскис

Европската комисија треба да добие мандат од еврогрупата, за да ги обнови преговорите со Грција, изјавил денеска на прес-конференција заменик претседателот на Комисијата, Валдис Домбровскис.

ЕК е подготвена да ја продлжи работата со Грција, но неможе да преговара за нова спасувачка програма без мандат од еврогрупата, дополнил тој.

– Местото на Грција е, и останува во Европа. Стабилноста на еврозоната не е под знак прашање, рекол Домбровскис.

Го почитуваме демократскиот избор на Грците, но референдумот го продлабочува јазот меѓу Грција и еврозоната, смета заменик претседателот на ЕК.

Околу 61,31 отсто до Грците на референдумот гласаа за отфрлување на условите на меѓународните кредитори за реформи.

– Во еврозоната има 19, а не само една демократија. Нема брз и лесен излез. Многу време и опции беа залудно потрошени, а многу малку би биле добитници од сегашната ситуација. За да се најде решение, во потребно време, мора да има сериозен однос од сите преговарачи. Ќе биде многу тешко закрепнувањето на финансиската стабилност во Грција без постигнување договор, без стратегија за обновата на растот и реформи. Затоа Владата во Атина треба да биде многу искрена и отворена и да и’ објасни на грчката јавност каква е тежината на одлуките што ги донесува. Европа беше до Грците во текот на целата криза. Европските даночни обврзници обезбедија парична поддршка од 185 милијарди евра, изјавил Домбровскис.

Според него, на утрешното заседание на министрите за финансии и на премиерите на државите од еврозоната во Брисел се очекува да бидат одредени следните чекори во оваа сложена ситуација.

– Ги имаме сите средства за обезбедување на финансиска стабилност на еврозоната, а институциите на ЕУ се подготвени за спречување на распространувањето на нестабилноста, посочил заменик претседателот на ЕК.