Референдумот покажа дека паѓа рејтингот на Жерновски и СДСМ

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски веројатно претходно имал увид во истражувањата и анализите во однос на процентот на евентуална излезеност на гласачите на референдумот, како и на можноста за успехот или неуспехот на истиот. Очигледно имале погрешна перцепција околу излезеноста на гласачите, бидејќи не е добро да организираш референдум за кој знаеш дека ќе биде неуспешен.

Oва во изјава за Нетпрес го вели универзитетскиот професор и аналитичар, Владимир Божиновски.

Тој додава дека на вчерашниот референдум за изгледот на ГТЦ процентуално „за“ гласале толку граѓани, колку што на претходните избори во Центар гласале за Жерновски или пак Пендаровски, што му дава на ВМРО-ДПМНЕ легитимно право да каже дека рејтингот на СДСМ и Жерновски во Центар е опаднат.

-ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше референдумот. Не сугерираше дали да се излезе или не, ниту пак дали да се гласа „за“ или „против“ на референдумот. Меѓу 40-те отсто излезеност на референдумот, како и меѓу оние кои гласале „за“ има граѓани кои ја поддржуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, некоја друга партија, како и неутрални граѓани, а бројката на оние кои гласале „за“ процентуално е слична со гласовите кои на претходните избори во Центар ги добија Жерновски и Пендаровски. Ова му дава легитимно право на ВМРО-ДПМНЕ  да каже дека рејтингот на СДСМ и Жерновски во Центар е опаднат, појаснува Божиновски.

Тој ги оценува како погрешни опозициските обвинувања дека се вршеле притисоци или бојкоти, бидејќи како што вели референдумот бил чист и додава дека според него неуспешноста на референдумот се должи или на погрешните податоци или пак на преголемите очекувања на опозицијата.

Пред само три дена агенцијата на Ѓорги Спасов, Рејтинг излезе со анкета според која дури 83% од граѓаните на Центар ќе гласале за тоа ГТЦ да го задржи автентичниот изглед. Тие дури во истата посочуваат дека има плус 15 % раст на поддршката на референдумот меѓу граѓаните на Центар.

Но, одржаниот референдум покажа дека анкетата на Спасов е целосно промашена. Дури 60% од граѓаните се одлучија воопшто да не излезат и гласаат. Иако агенцијата Рејтинг во анкетата вели дека маргиналната грешка е плус минус 3 проценти, очигледно дека промашувањето кое го направија е двоцифрено.

Од агенцијата „Рејтинг“ денеска пак, испратија демант во кој велат дека тие никогаш не излегле со прогноза за толкава излезеност за референдумот.

По последниот дебакл на опозицијата, кој е 11-ти во низа, новинари, кои важат за силни поддржувачи на политиките на СДСМ вчера по објавувањето на исходот од референдумот остро ја нападнаа опозицијата за водење погрешна кампања и погрешна политика.

Бранко Геровски во својата колумна вината за неуспехот на референдумот покрај на опозицијата им ја препишува и на граѓаните:

-„Центарци не се доминантно определени да се сочува автентичниот изглед на ГТЦ“, пишува Героски“, кој додава дека тие самите го предале Градскиот трговски центар.

Зоран Димитровски Жоро од Фокус преку статус на својот „фејсбук“ профил јавно побара оставка од градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, а колумнистот Ивор Мицковски се огласи велејќи дека за овој пораз не е виновен само Жерновски, туку целата опозиција.

Имено, референдумот за изгледот на фасадата на ГТЦ не успеа, бидејќи излезеноста на гласачите изнесуваше околу 40 отсто, а за успешност на референдумот се потребни 50 отсто плус 1.