Референдумот за името на 23 или 30 септември?

Референдумот за потврдување или отфрлување на договорот со Грција за решавање на спорот за името би требало да се одржи на 23 или 30 септември, брифираат за САКАМДАКАЖАМ.МК владини извори. Прашањето за името Република Северна Македонија ќе биде поврзано со согласност за влез во ЕУ и НАТО, но допрва треба да се формулира во Собранието.

Начелно, референдумот е предвидено да се одржи или на 23 или 30 септември. Точниот датум зависи од тоа кога ќе се формира Државната изборна комисија и кога Собранието ќе одлучи да распише референдум за да почнат да течат законските рокови за организација на референдумот, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од Владата.

За референдумот да се одржи на крајот на септември, Собранието до крајот на јули мора да донесе одлука за распишување референдум. Првичниот план бил референдумот да се одржи на 9 септември, како продолжение на Денот на независноста 8 Септември, но одлучено е сепак да се остави повеќе време за кампања откако граѓаните ќе се вратат од годишните одмори, кои обично се користат баш до празничниот викенд.

Сè уште никој официјално не кажува дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен.

Премиерот Зоран Заев ја застапува тезата дека во процесот на утврдување на референдумското прашање ќе се дефинира дали референдумот ќе биде обврзувачки или консултативен.

Она за што се согласувам со опозицијата е дека референдумот треба да биде задолжителен, а заедно треба да утврдиме дали ќе биде консултативен или обврзувачки. Зборувам за задолжителен референдум, ако сите 50 отсто плус еден граѓанин излезат и го поддржат референдумот. Апсолутна должност на секој граѓанин е да ја испочитува одлуката, освен ако не е негативна. Јас не верувам дека тоа е возможно денес, кажа Заев по склучувањето на договорот со Грција.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред четири дена рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае референдумот ако не биде задолжителен нема да го признае.

Можам да кажам дека референдум кој нема да биде задолжителен, ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае. Доколку референдумот биде обврзувачки и биде успешен, сите ние ќе треба да го почитуваме тоа, не само нашата партија. Но, тој прво треба да биде демократски, без манипулации, да се исполнат многу предуслови пред да биде одржан, рече Мицкоски.

Според Законот за референдум и други облици на изјаснување, предлогот за распишување на референдум со образложение се поднесува до претседателот на Собранието. Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесување на предлогот да донесе одлука за распишување на референдум. Одлуката за референдум потоа се објавува во „Службен Весник“.

Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во „Службен весник“ до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена.

Референдум на државно ниво распишува Собранието, по сопствена иницијатива или по предлог на најмалку 150.000 граѓани. Референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување на одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави.

Според закон, референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум).

Референдум на државно ниво може да се распише и за прашања што треба да се уредат со закон (претходен референдум) или за преоценување на закон што претходно е донесен (дополнителен референдум).

За претходно консултирање на граѓаните за прашања од пошироко значење, може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните (референдум за консултирање). Одлуката донесена на консултативен референдум не е задолжителна да се спроведе.

Одлуката за менување на границата на Република Македонија и одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави се усвоени на референдум ако за нив гласало мнозинството од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Одлуката од задолжителниот референдум е задолжителна.

За референдумот (консултативен) да биде успешен треба да излезат околу 900 илјади граѓани, од вкупно еден милион и 800 илјади запишаните во Избирачкиот список. Од излезените, треба повеќе од 450 илјади да гласаат „за“.