Референдум за независна Венеција

Во италијанската област Венето која што ја опфаќа Венеција и околината, започна референдум за одделување од остатокот на Италија, а ќе трае до 21-ви март, јавуваат тамошните медиуми.

Активистите велат дека резултатите од нивните анкети покажуваат дека за прекинот на врските со Рим се залагаат 65 отсто од гласачите во регионот Венето, кој што ги опфаќа градовите Тревизо, Виченца и Верона.

Тие велат дека се инспирирани од примерот на Шкотска, која го одржува референдумот за независност од Велика Британија во септември, и Каталонија, каде половина од населението сака да се оддели од Шпанија.

„Доколку мнозинството гласа за независност, имаме експерти кои подготвуваат прогласување на независност и фирми во регионот кои што велат дека ќе почнат да плаќаат данок на локалните власти наместо на Рим“, изјави портпаролот на движењето за независност, Лодовико Пјацати.