Реформите на системот за следење пред пратениците

Сетот закони за реформи во безбедносно-разузнавачкиот систем, кои се спроведуваат согласно препораките на Рајнхард Прибе, со акцент на реформирање на системот за следење на комуникациите се на дневен ред на денешната 30-та седница на Собранието.

Два нови закона треба да поминат во овој пакет, Предлог-законот за формирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која ќе биде медијатор меѓу овластените корисници и операторите во процесот на прислушување и Предлог-законот за следење на комуникациите.

Во пакетот реформи на прислушувањето, освен законите за ОТА и за следење на комуникациите се и предлозите за дополнување или измени на законите за класифицирани информации, за електронските комуникации, за извршување на санкциите, за јавното обвинителство, за јавнообвинителска служба, за судовите, за кривичната постапка.

Овие закони се еден од трите столба во реформскиот процес, кој го спроведува Владата во насока на исполнување на препораките на Прибе, заедно со реформите во правосудството и администрацијата.

ОТА се очекува да почне со работа од ноември 2018 година, а дотогаш од 1 јуни за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер, со свој тим.

ОТА е прв чекор во воспоставување на взаемна контрола меѓу субјектите, кои учествуваат во процесот на следење на комуникациите. Тоа значи дека МВР нема да може само да следи, како што беше досега преку Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање. Иако е издадена наредба од суд, таа ќе мора да оди преку ОТА, која, пак само ќе има право да конектира, но не и да ги слуша разговорите.

Предвидено е зајакнување на контролниот механизам на следењето на комункациите. Дури и еден член на собраниската комисија, да побара да изврши контрола, таа ќе може да се направи и без претходна најава.

Во контролата, како што е содржано во предлог законот за следење на комуникациите, се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.

Новина е Советот за граѓанска контрола, што дополнително треба да биде формиран. Советот за граѓански надзор ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.