Реформите се прават според препораките од Извештајот на ЕК

Секој министер во својата област го анализира Извештајот од Европската комисија, ги вади сите сегменти што се како препораки и врз основа на нив креира предлог за промени и за реформи кои ќе влезат во документ на Владата. Документот е акциски план за реформи, промени, подобрување и решавање на некои слабости посочени од Комисијата, пишува МИА.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања за најавениот Акциски план за реформи во евроинтеграцискиот процес, посочувајќи дека на таков начин се креира нова серија реформи во наредната година.

– Очекувам во наредните 10-тина дена сите овие поединечни предлози на министрите кои произлегуваат од препораките на Комисијата како збирен документ, акциски план да бидат ставени на седница на Влада и да бидат разгледани. Секој од нив ќе добие рок, носител и буџет за да може во наредната година да се спроведат, нагласи Груевски.

Тој подвлече дека Владата изработувала акциски план и во изминатите години по добивањето на извештаите, а така ќе постапува и сега.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.