Колумни

Реформите во прилог на стабилен општествен развој

Реформите во прилог на стабилен општествен развој

Севкупните реформи, кои се превземаат во Република Македонија, донесоа голем број системски промени, ја наметнаа потребата од дополнителни прилагодувања на сите нивоа и за сите граѓани, но истовремено донесоа и забележително позитивни резултати. Подобрувањата се повеќе од очигледни во областа на унапредувањето на општата безбедност, создавањето на поволни економски услови за развој на претприемништвото, намалување на процентот на невработеност, подигнување на општото образовно ниво, поефикасна здравствената заштита, зголемено ниво на странски инвестиции, збогатена туристичка понуда итн…

Голем дел од имплементираните новини, кои произлегуваат од Програмата на Владата на Република Македонија и кои веќе стануваат дел од нашето секојдневие, внесуваат дополнителна раздвиженост и конкуренција на политичките субјекти, ја зголемуваат и мотивацијата на обичните граѓани и истовремено ги поттикнуваат да бидат далеку поангажирани во барањето на најсоодветни начини за изнаоѓање на нови идеи,  изуми, мерки и механизми, а кои ни помагаат во процесот на обезбедување поквалитетен живот.

Лошите искуство и предизвиканите негативни последици од неправедната приватизација и трансформацијата на општествениот капитал во почетокот на 90-те години од минатиот век, многу силно ги почувствуваа поголемиот број од граѓаните на Македонија и посебно оние, кои останаа без своите работни места, кои ја изгубија вербата во иднината и голем број од нив засекогаш ја напуштија државата…

Во претходниот период од над дваесет години од прогласувањето на независноста, граѓаните во Македонија постепено се прилагодуваа на новите променети општествено економски услови и станаа далеку посвесни за вредноста на нивниот глас, како и за можностите непосредно да влијаат кон власта и кон оние на кои им ја даваат довербата за владеење во нивно име. Истите тие граѓани се потешко можат да бидат манипулирани, бидејќи силно ги препознаваат  политичките субјекти и поединци кои ветуваат и кои во исто време реално исполнуваат, за разлика од оние кои немаат капацитет да ветат, а уште помалку и да исполнат. Ефектите од владеењето мора да имаат еднаков позитивен импулс за  сите и да биде споделен меѓу припадници на целата општествена заедница.

Токму од решеното би сакал да ја извлечам и констатацијата дека оние кои ја изгубија битката уште на самиот почеток и заради чии катастрофални потези се наоѓаме токму овде кај што сме, најмалку имаат право да бидат критичари или едукатори на оние кои беа принудени да ги поправаат нивните погрешно повлечени потези, а кои на македонското општество му нанесоа силна, неповратна и ненадоместлива штета.

Затоа почитувани, сериозно да и погледнеме на вистината во очи и да се обидеме да го вреднуваме она што е позитивно и што не води кон постигнување на успешни резултати , но и да го осудиме она што не оддалечува од патот на перспективен политички и економски развој.

Исклучително е важно реално да ги валоризираме преземени сериозни реформи во администрацијата, судството и медиумскиот простор, зголеменото ниво на субвенции на земјоделците и сточарите, зголемените инвестиции во здравствениот сектор и поефектна достапност на услугите од истиот за граѓаните, зголеменото внимание кон моралните вредности и културата на однесување, уредени училишта и изградени придружни спортски објекти, изградбата на нова енергетска инфраструктура и современа  патна мрежа, изградба на нов аеродром во Скопје (кој до неодамна беше наш срам), зголемено присуство на познатите авионски компании во Македонија, висок рејтинг и атрактивност кај странските инвеститори, намалувањето на нивото на криминал и насилство, успешни економски реформите и активни владини политики кои даваат добри резултати.

Претходно наведените и уште многу други показатели според кои се утврдува индексот на глобален мир и можностите за просперитет на една држава укажуваат на тоа дека Македонија полека но сигурно ја подобрува својата позиција на скалата на Глобалниот индекс за мир и влегува во категоријата на држави кои стануваат се подобро место за живеење.

Добар огледен примерок за нас и за целиот свет се Нордиските земји кои заедно со Австрија, Нов Зеланд, Швајцарија, Канада, Јапонија и Белгија ги држат првите десет места и истовремено имаат силна политичка, безбедносна и економска стабилност, имаат иновативни економии, минимални можности за избивање на конфликт, не постоење на терористички закани, висока  писменост на населението, мали издвојувања за воени трошоци и претставуваат добри туристички дестинации.

Македонија е на добар пат да се приближи кон врвот на листата на земји кои силно придонесуваат за унапредувањето на глобалниот мир, безбедност и силен и оддржлив економски развој