Регионален етно-парк ќе се гради во Зрновци

Општина Зрновци деновиве работи на расчистување на теренот на кој наредната недела ќе започне изградбата на Регионален етно парк како една од интересните занимливи понуди за туристите и посетителите.

Центарот за развој на Источниот плански регион заедно со општина Зрновци ќе ја гради првата фаза од овој туристички комплекс кој ќе ги поврзува општините од под Плачковица.

 

„Со проектот е предвидено да се заштити културното и етнолошкото богатство по течението на Зрновска река. За реализација на првата фаза ќе бидат искористени 2,6 милиони денари, средства кои Источниот плански регион ги обезбеди од програмата на Бирото за регионален развој. Општина Зрновци во овој проект учествува со сопствени средства во износ од 10 отсто од вредноста на проектот“, рече Блаже Станков, градоначалник на Зрновци.

 

Етно паркот ќе го отсликува минатото на Зрновскиот крај и населените места под планината Плачковица, и ќе содржи повеќе елементи, подзаборавени содржини и исчезнати предмети како што се фурна за печење леб, казан за печење ракија, бунар, чеза и коњска кола, автентични за овој крај.

Локацијата на Етно паркот се наоѓа на влезот во населбата до детската градинка и спортските терени.