Регионален форум за интернет владеење 2014 во Скопје

Република Македонија е домаќин на Регионалниот форум за интернет владеење 2014, кој денес се одржува во Скопје во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.

Настанот го отвори министерот Иво Ивановски, кој заблагодарувајќи се за присуството на високите гости од регионот укажа на можноста за позасилена координација и взаемна соработка на полето на ИКТ развојот.

-Очекувам на овој Регионален форум да ги промовираме придобивките од информациско – комуникациските технологии и да споделиме заеднички иницијативи и политики во однос на интернет владеењето. Исто така, да ги разгледаме можностите за развој на платформа за иницирање регионални активности на ова поле, рече во своето обраќање министерот Ивановски.

Извршниот директор на Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN), Фади Шехаде се осврна на важноста од користењето на интернетот од страна на малите земји, кое меѓу другото е битно и за развојот на економијата.

-Треба да изнајдеме начин како интернет владеењето да стане и економски, а не само општествено важно. Користењето на интернетот од страна на малите земји е битно за да се има отворен пристап кон светот, да се промовираат културните вредности, наспроти изолацијата. Вклучете ги сите засегнати страни во донесувањето на интернет одлуките, им порача Шехаде на присутните.

Инаку, на еднодневниот форум во Скопје учествува и потпретседателот на Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN), Вени Марковски, потоа министри и високи владини претставници надлежни за креирање на политики за развој на информатичко општество од Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Косово, како и од домаќинот Македонија. Исто така, присутни се и претставници на невладиниот сектор и компании од телекомуникациската област

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.