Регионална конференција „Пристапни реформи во Западен Балкан” во Скопје

Регионална конференција на тема „ Пристапни реформи во Западен Балкан” денеска во Скопје ќе се оддржи во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Како што соопшти СЕП, воведни излагања на форумот ќе имаат македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Аиво Орав и германскиот заменик амбасадор Ханс-Хелге Сандер.

На конференцијата ќе учествуваат и заменик министерот за евоинтеграции на Албанија Гентијан Елези, Дарија Рамљак помошник директор во дирекцијата за евроинтеграција на Босна и Херцеговина, заменик министерот за евроинтеграции на Косово Рамадан Илази, в.д. директорот на владината Канцеларија за евроинтеграции на Србија Ксенија Миленковиќ и Александар Пејовиќ државен секретар за евроинтеграции на Црна Гора.

Предвидено е на Конференцијата да се одржат два панела пред кои куси воведни излагања ќе одржи Лоренс Мередит шеф на одделот за „Стратегија и политики“ при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

Првиот панел е насловен „Новата стартегија за проширување и новата генерација извештаи“ и вториот „Редефинирана методологија: позитивни аспекти и предизвици во известувањето“.

Форумот се организира во соработка со Германското друштво за интернационалнa соработка ГИЗ, во рамките на Отворениот регионален фонд за поддршка на ЕУ интеграции, финансиран од страна на Сојузното министерство за економски развој и соработка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.