Македонија

Регионална конференција за вработување во Скопје

Регионална конференција за вработување во Скопје

„Создавање работни места за поттикнување на еднаквост и просперитет“ е главната тема на регионалната конференција за вработување која што ќе се одржи во Скопје.

Креатори на политики и експерти ќе разговараат за тоа како да се реши кризата со невработеност во регионот и да се стимулира економски раст кој ќе создава повеќе и поквалитетни работни места.

Конференцијата е организирана од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Меѓународната организација на трудот (МОТ) и се очекува учество на повеќе од стотина претставници – креатори на политики и експерти – од Југоисточна Европа и Турција. На коференцијата свое обраќање ќе имаат Џихан Султаноглу, Помошник генерален секретар на Обединетите нации и Директор на Регионалното биро на УНДП за Европа и Заедницата на независни држави,  Хајнц Колер, Регионален Директор на МОТ за Европа и Азија, Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика на Република Македонија, Горан Свилановиќ, Генерален секретар, Совет за регионална соработка и  Томас Бендер, Генерален Директорат за вработување  на Европската Унија

– Создавање на повеќе и поквалитетни работни места е најголемиот предизвик за земјите од Југоисточна Европа. Високата стапка на невработеност, заедно со бавниот премин од образование до вработување, го попречува просперитетот на региониот , вели Постојаниот координатор на Обединетите нации и Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

– За да се справиме со овој предизвик, ни требаат храбри и нови пристапи кон политиките за вработување како и повеќе напори за што подобро да се искористат можностите кои ги нуди процесот на европска интеграција. Конференцијата која што ќе се одржи во Скопје е форум каде што учесниците ќе имаат можност да ги споделат искуствата од своите земји за вработување и социјална инклузија, вели таа.

На конференцијата ќе бидат претставени успешни примери на политики и програми за промовирање на претприемништвото  како едно од решенијата за високата стапка на невработеност кај младите, прилагодување на програмите за развој на вештините преку со побарувачката на пазарот на трудот, поттикнување на одржливи и “зелени” компании, како и политики кои имаат за цел да го отворат пазарот за најтешко вработливите групи на граѓани.