Регионалниот совет за соработка со средба на 19 јуни во Букурешт

Шестиот годишен состанок на Регионалниот совет за соработка (РСС) ќе се одржи во Букурешт, Романија, на 19 јуни 2014 година. Од состанокот се очекува да се одобри „Извештајот за регионална соработка 2013-2014 за Југоисточна Европа“ на генералниот секретар на РСС и да се оцени спроведувањето на Стратегијата и програмата за работа на РСС за периодот од 2011 до 2013 година.

Годишната средба ќе биде отворена со првиот состанок на управниот одбор на РСС во врска со „Стратегијата 2020 за Југоисточна Европа“. Исто така, на средбата ќе бидат презентирани и „Генералниот извештај 2020 за Југоисточна Европа“ насочен кон регионалениот развој, како и „Табелата со резултати 2020 за Југоисточна Европа“ (индикатори за следење на спроведуваењето на стратегијата). Одборот ќе го евалуира досегашниот напредок и ќе усвои систем за имплементација на стратегијата.

Годишниот состанок на РСС ќе биде копретседаван од генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ и од министерот за надворешни работи на Романија, Титус Корлацеан (актуелен претседавач на иницијативата „Процес за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈЕ“). На средбата ќе се разгледува прогресот на регионална соработка во Југоисточна Европа во рамки на делокругот на РСС, имплементацијата на „Стратегијата и програмата за работа 2014-2016 на РСС“ како и „Стратегијата 2020 за Југоисточна Европа“.

Годишниот состанок е коорганизиран од претседателството на ПСЈЕ во Романија и Секретаријатот на РСС. Тој вообичаено се одржува заедно со формална средба на министрите за надворешни работи кои се дел од ПСЈЕ и Самитот на претседатели на држави и влади во рамките на ПСЈЕ.