Македонија

Регионот ги унапредува односите со Русија – реториката на Вашингтон и Брисел заострува

Регионот ги унапредува односите со Русија – реториката на Вашингтон и Брисел заострува

Проектот Турски тек, учеството на парадата на победата во Москва и генерално, градењето пријателски односи со Русија се причините за сериозно заострување на реториката од страна  на Вашингтон и Брисел.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, на мета на жестоки критики меѓу другите се наоѓа и грчкиот премиер, Алексис Ципрас, кој што вчеравечер пристигна во посета на Москва.

Грчкиот долг, укинувањето на ембаргото за грчки земјоделски производи и Турски тек се очекува да бидат дел од темите на средбата меѓу Ципрас и рускиот претседател Владимир Путин. Грчките медиуми информираат дека посетата на Ципрас на Москва предизвикува големо незадоволство во Брисел и Вашингтон и дека европските функционери и прозападните странски медиуми ја предупредуваат Грција да не и го врти грбот на Европа.

Освен кон Грција, Брисел и Вашингтон ја заоструваат реториката и кон останатите држави со тенденција за негување пријателски односи и соработка со Русија.

Откако српскиот претседател Томислав Николиќ потпиша указ со кој што српската армија за прв пат во историјата ќе маршира на Парадата на победата во Москва на 9 ти мај, заканите од Брисел не стивнуваат. Претседателот на парламентарната група за Србија во Европарламентот, Едвард Кукан, кој што и претходно го предупреди Николич да не одел во Москва, излезе со коментар дека учеството на српските војници на руската парада било спротивно на изјавите за посветеност на европските интеграции.

“Претседателот Николиќ треба да биде свесен дека такви гестови можат да влијаат на процесот на европската интеграција на земјата”, се вели во соопштението на Кукан.

Шефот на српската дипломатија и вицепремиер Ивица Дачич пак, порача дека Брисел постојано и поставува нови услови на Србија и дека земјата нема да стане дел од ЕУ дури ни кога би го признала Косово.

“Но, ние апсолутно не сакаме повеќе да ја прифаќаме таа политика на подвижни цели, тоа постојано поставување на нови услови. И воопшто не сакаме повеќе да разговараме на таа тема”, изјави Дачич во интервју за руската новинска агенција “Спутник”.

Нагласувајќи дека Србија сака да води избалансирана надворешна полтика, тој истакна дека земјата не сака да стане дел од НАТО туку единствено да воспостави партнерски односи со оглед на тоа што е опкружена со членки на Алијансата.

Не стивнуваат ни критиките на Вашингтон поради учеството на чешкиот пртседател Милош Земан на парадата во Москва. Откако американскиот амбасадор во земјата Ендру Шапиро јавно ја крикуваше одлуката на Земан да присуствува на Парадата на победата, чешкиот претседател реплицираше дека отсега му забранува пристап на амбасадорот во претседателската палата и дека тој не може да замисли чешкиот амабасадор во Вашингтон да го советува Барак Обама каде да патува. И покрај ова, Шапиро уште еднаш му порача на Земан дека би било жалосно тој да бил единствениот претседател на членка на ЕУ што ќе присуствува на парадата.

Сепак, според непотврдени информации, на парадата ќе присуствува и грчка делегација предводена од Ципрас.

Во меѓувреме, прокетот Турски тек ја доби политичката поддршка од сите транзитни земји. На вчерашната средба во Будимпешта на шефовите на македонската, турската, грчката, српската и унгарската димпломатија беше донесен заеднички заклучок со кој што државите ја поддржуваат реализацијата на рускиот гасоводен проект.