Регистриран прв случај на зика во Јужна Кореја

Во Јужна Кореја е регистриран прв случај на лице инфицирано со вирусот зика, соопшти денеска јужнокорејската Управа за контрола и превенција на болести.

Како што јави Јонхап. тестовите потврдиле присуство на вирусот кај еден 43-годишен маж, кој престојувал во Бразил од средината на февруари, па до 11 март, кога се вратил во Јужна Кореја.

– За време на патувањето во Бразил пациентот бил каснат од комарец, соопшти претсавник на Управата.

Заболениот се наоѓа во болница во градот Гвангџу, на 329 километри јужно од Сеул.

– Тој повеќе нема потреба да биде во карантин, но сепак внимателно ќе ја следиме неговата состојба и ќе му вршиме тестирања, изјави преставник на болницата.

Управата апечираше до сите оние кои биле во контакт со заболениот да се подложат на тестирање, за да се утврди дали евентуално се инфицирале со вирусот зика.

Вирусот зика, кого го пренесуваат комарци при убод, се појави во Бразил, по што се прошити речиси низ цела Јужна и Централна АМерија и во реонот на Карибите. Во Азија, пак, претходно беа потврдени неколку случаи на заболени од зика во Кина и Јапонија.

Болеста се поврзува со појава на микроцефалија кај новороденчиња, но постојат сомнежи и дека таа може да предизвика психички нарушувања кај возрасни лица.