Регистриран земјотрес во реонот на вулканот Бардарбунга

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтер  е регистриран во реонот на вулканот Бардарбунга во Исланд.

– Тоа е најсилен земјетрес во реонот на вулканот од 1996 година, соопшти исландската метеоролошка служба.

Вулканот Бардарбунга минатата недела го потресоа илјада мали земјотреси, длабоко под исландскиот глечер Ватнајакул.

Властите во Исланд вчера го подигнаа нивото на предупредување во воздушниот сообраќај  на највисоко, црвено ниво, поради активноста на вулканот Бардарбунга, што значи дека ерупцијата ќе се случи многу брзо или е во тек.

Според сеизмолозите, магмата се движи под глечерот, но засега хоризонтално, на длабочина од пет до 10 километри. Вулканот Бардарбунга ќе еруптира ако магмата се крене и го истопи мразот.

Воздушниот простор над глечерот Ватнајакул и понатаму е затворен.

Исландскиот вулкан Ејафјадлајекидл во 2010 година исфрли пепел, кој предизвика хаос во воздушниот сообраќај, бидејќи најмалку 100.000 летови беа откажани.