Рејндерс порача политички дијалог и враќање на опозицијата во Парламентот

За Белгија пораката е јасна, очекуваме да забележите напредок, патот треба да го поминеме заедно. За да се постигне тоа треба да се продолжи политичкиот дијалог и опозицијата да се врати во Парламентот, истакна на денешната прес-конференција во Скопје белгискиот вицепремиер и шеф на дипломатија Дидие Рејндерс.

Според него, расположението во ЕУ и Белгија особено, е тоа да и се помогне на Македонија, но претходно таа мора да го сработи своето.

Во однос на спорот за името со Грција, Рејндерс рече дека Белгија може да и помогне на Македонија со своето искуство бидејќи доаѓа од земја каде регион го носи името Холандија.

За предлогот на официјална Атина за мерки за градење доверба, Попоски рече дека две работи се клучни.

– Реалноста е дека Македонија и Грција не се во војна, туку одлично соработуваат и второ, не смееме да бараме изговори за ненадминување на блокадата која е поврзана со наметнатиот спор. Не смее да се замагли главната тема и да се дефокусира од преговорите за членство во НАТО и ЕУ. Довербата е неопходна, но неопходни се и решенија и дијалог, рече Попоски.

На новинарско прашање за случајот на прислушување, белгискиот вицепремиер смета дека е потребно прво да се разјасни дали прислушувањето било легално или нелегално, а во однос на самата содржина да се види дали е потребно санкционирање.

Според Попоски, пак, Македонија има интерес да ја реши аферата „прислушување“ со институционална и правна разврска без оглед на евроинтеграциите.

Шефот на белгиската дипломатија кој е во официјална посета на Македонија денеска треба да се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, како и со вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими.