Рејтингот на Макрон го собори антирекордот

Рејтингот на францускиот претседател Емануел Макрон се спушти на рекордно ниско ниво, во прв ред поради скандалот со веќе поранешниот соработник во неговата администрација, Александр Беналја, покажуваат резултатите објавени во неделата од истражувањето на јавното мнение спроведена од институтот Ifop за списанието Journal du Dimanche.

Според анкетата, во периодот од 18-ти до 27-ми јули, нивото на поддршка на францускиот претседател се намалило од 41 на 37 отсто. Истражувањето било спроведено во две етапи, на 18-ти и 19-ти и од 25-ти до 27-ми јули, врз 1.981 испитаник. Така, во просек, во јули само 39 проценти од Французите ги одобрувале дејностите на шефот на државата Емануел Макрон.

Како што се истакнува во текстот на Journal du Dimanche, досега најниското ниво на поддршка за Макрон е регистрирано во август 2017 година и тогаш изнесуваше 40 отсто. „Со овие резултати, (Макрон) го собори сопствениот антирекорд“, заклучува неделникот.

Случајот Беналја имаше голем одек во француското општество кога пред една седмица низа медиуми емитуваа видео снимка на којашто соработникот на претседателот Макрон во текот на манифестацијата на 1-ви мај на парискиот плоштад Контрескарп прво грубо се однесува со една девојка, а потоа неколкупати удира млад маж и брзо се оддалечува. Обвинителството на Париз започна прелиминарна истрага за инцидентот. Покрај тоа, истрага за случајот води и Генералниот инспекторат на Националната полиција, како и парламентарните комисии во Националното собранието и во Сенатот.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е разочаран од постапките на својот соработник, и ги оцени како „предавство“.

Беналја е обвинет за насилно однесување, попречување во извршување државна служба, незаконско носење обележја, криење снимки од видео камери и повреда на службена тајна. Покрај тоа, за истото дело од должноста беа отстранети и тројца полициски функционери, обвинети за предавање на Беналја на снимките од видео надзорот.

Обвинение е подигнато и за уште еден соработник на Елисејскиот дворец, Венсан Кразу. Тој, исто така, е обвинет за насилни дејствија, попречување во извршување државна служба и носење оружје од забранета категорија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.