Реконструирана и проширена амбулантата во Волково

Амбулантата во Волково е целосно реконструирана и ќе стартува со работа за десеттина дена. Објектот е проширен за над 40 метри квадратни и сега има 98 метри квадратни по остапувањето на две простории на општина Ѓорче Петров на Здравствен дом Скопје. Реконструкцијата траела три месеци и е извршена со средства од над 1,7 милиони денари на Здраствен дом Скопје, пренесува МИА.

Амбулантата денеска ја посети министерот за здравство Никола Тодоров заедно со директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски и пратеникот Александар Стојкоски.

Тодоров изјави дека амбулантата е изградена во 1962 година и оттогаш до денес не била направена нејзина реконструкција.

– Идејата е во амбулантата покрај матичните лекари кои работат во неа да има мобилна лабораторија односно да се овозможи минимум еднаш во текот на неделата тука да им се зема крв на пациентите, таа потоа да се транспортира до амбулантата во Ѓорче Петров, таму да се прават крвните анализи и преку меил да се испраќаат на докторите, а тие потоа да ги информираат пациентите за лабораториската анализа, рече Тодоров.

Тој им го честиташе 8 Март на сите жени во Република Македонија.

Баевска Вучковиќ рече дека матичните доктори додека траела реконстукцијата работеле во Месната заедница и за тоа им излегла во пресрет општината.

– Граѓаните континуирано ги добиваа услугите, а сега во следните неколку дена ќе можат во комплетно нови услови да ги добиваат овие услуги. Три илјади пациенти се прикрепени од два матични тима кои секојдневно тука даваат здравствена услуга и претпоставуваме дека согласно новите простории и подобрите услови за работа, ќе има повеќе граѓани кои ќе сакаат да си ги добиваат здравствените услуги поблиску до местото на живеење и ќе се скрати нивното патување до Поликлиниката Ѓорче Петров, истакна Баевска Вучковиќ.

Посочи дека имале 40 вработувања во Службата за Итна медицинска помош – 20 доктори, 10 сестри и 10 возачи.

– Од целиот овој проект како што кадровски ќе се зајакнеме се отвора можност да најавиме дека по завршување на овие вработувања, ќе можеме да го отвориме шестиот пункт на Итната медицинска помош во Поликлиника Ѓорче Петров, додаде Баевска Вучковиќ.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски истакна дека амбулантата имала субстандардни услови, немало водовод и канализација и благодарение на брзата интервенција и одржаниот збор, таа е комплетно реконструирана.

amb1

– Во амбулантата ќе се опслужуваат сите села во општината Ѓорче Петров кои гравитаат на овој дел, а тоа се од руралниот дел на општината. Тоа се селата Орман, Никиштани, Кучково, Волково, Стопански Двор. За околу 20.000 жители е навистина големо олеснување за нив, рече Митровски.

Доктор Славка Глигоровска изјави дека во амбулантата работи 28 години и изрази задоволство што во реновираниот и проширен објект ќе можат да дадат подобра услуга на пациентите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.