Реконструирани последните ленти кај комплекс банки

Деновиве заврши целосната реконструкција на последната сообраќајна лента пред двете автобуски стојалишта на булеварот „Кузман Јосифовски Питу”, поточно пред Комплексот банки и трговскиот центар „ВЕРО”.

Последната сообраќајна лента пред Комплексот банки се реконструираше на потег со вкупна должина од 200 метри пред и по автобуската станица, каде што беше изваден стариот тампонскиот слој и поставен нов. Оштетениот и вдлабнат површински асфалтен слој се изгреба и се изврши санација на потповршинскиот слој до длабочина од еден метар. Покрај реконструкцијата на сообраќајната лента, извршена е и нивелација на постојните шахти и сливници.

Последната сообраќајна лента пред трговскиот центар „ВЕРО” се реконструираше на потег со вкупна должина од 102 метри пред и по автобуската станица, и притоа се изврши санација на површинскиот асфалтен слој, а на делови, каде што имаше поголемо оштетување, се изврши и санација на потповршинскиот асфалтен слој.

Градот Скопје за овој зафат потроши околу 7 милиони денари со ДДВ и тоа 5 милиони денари за сообраќајната лента пред Комплексот банки и околу 2 милиона денари за сообраќајната лента пред трговскиот центар „ВЕРО”.

Како дел од големиот проект за реконструкција на крајните сообраќајни ленти пред и по автобуските станици, Градот Скопје досега изврши реконструкција на асфалтот од двете страни на улицата „Димитрие Чуповски”, а во моментов се врши и реконструкција на булеварот „Крсте Петков Мисирков” од страната на МАНУ.