Реконструираниот граничен премин Блаце пуштен во употреба

Реконструираниот граничен премин Блаце денеска свечено беше пуштен во употреба, а тоа ќе овозможи зголемен проток на луѓе и стока и ефикасност во работењето на граничните служби.

За реконструкција на Блаце Светска банка  даде 1,8 милиони евра,а зголемен е бројот на сообраќајни ленти од две на четири за влез и од две на три за излез.

На свеченото пуштање во употреба присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

„Првата слика која ја добиваме за една земја е граничниот премин“, истакна  Ставрески кој додаде дека  уреденоста на граничните институции и нивната функционалност кажуваат  многу за тоа како функционираат институциите во земјата во која патувате.

Јанкуловска истакна дека за МВР и за граничната полиција важно е што модернизираниот граничен премин ќе има силно влијание и врз зголемување на квалитетот на контрола на секојдневниот прекуграничен проток и е во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните од Косово и другите земји кои ќе го користат.

Во текот на годината скоро два милиони луѓе го минале граничниот премин во двата правци. Од јануари до ноември годинава преку Блаце извезени се стоки во вредност од околу 280 милиони американски долари. Од нив 277 се извоз во Косово. Увозот за истиот период изнесува 51 милион долари од кои 38 се проценува увозот од Косово. Трговската размена преку овој граничен премин за 11 месеци е 330 милиони долари или околу 10 отсто од вкупната трговска размена на земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.